Stellantis го претстави новиот Smart Compact Van: Повеќе простор, подобра практичност и електричен досег до 270 километри

Stellantis Pro One ја претстави новата генерација на Smart Compact Van, со која дополнително ја проширува својата најпродавана гама на компактни комерцијални возила во Европа.

Новитетот ќе биде достапен преку четири брендови – Citroën Berlingo Van First, Fiat Professional Doblò EasyPRO, Opel Combo Start и Peugeot Partner Active – а развиен е врз основа на реалните потреби на професионалните корисници.

Од Stellantis велат дека анализите покажале дека професионалните возачи дури 90 проценти од работното време патуваат сами, додека 40 проценти од купувачите воопшто не користат конфигурација со три седишта. Токму затоа, новиот модел носи целосно поинаков пристап кон организацијата на кабината.

Најголемата новина е Flexiseat – модуларно совозачко седиште кое може да се преклопи и да обезбеди дополнителни 0,5 кубни метри товарен простор. Дополнително, достапен е и Modutable, практичен додаток што го претвора седиштето во мобилна канцеларија или маса за оброк за време на паузите.

Кабината е целосно редизајнирана со акцент на ергономијата и практичноста, а воведени се и неколку нови решенија за секојдневната работа. Меѓу нив се Moduconsole – отстранлива централна конзола, Dashbox со дополнителни прегради за складирање, Drivedrawer фиока под седиштето и Moduwork систем кој овозможува превоз на тројца патници или транспорт на подолги предмети. На располагање е и приклучок од 220 V за полнење лаптоп, таблет или други електронски уреди.

Надворешно, возилото добива поцврст и поизразен преден браник кој треба да понуди подобра заштита при секојдневната употреба.

Stellantis продолжува со својата мултиенергетска стратегија, па новиот Smart Compact Van ќе биде достапен со неколку погонски опции. На врвот на понудата е новата целосно електрична верзија со автономија до 270 километри, што ја вбројува меѓу најдобрите во сегментот. Во понудата остануваат и два дизел и еден бензински мотор со мануелен менувач, додека од следната година ќе пристигне и mild-hybrid изведба.

Димензиите остануваат непроменети, со две должини на каросеријата, носивост од 750 килограми до 1 тон и товарен простор од 3,3 до 4,4 кубни метри.

Еден од најважните адути ќе биде цената. Од Stellantis најавуваат дека новиот Smart Compact Van ќе биде позициониран под останатите модели во гамата, и кај верзиите со мотори со внатрешно согорување и кај електричните изведби.

Нарачките започнуваат во септември, додека првите испораки на европските пазари се очекуваат од ноември.

Со овој модел, Stellantis има за цел дополнително да ја зацврсти својата доминација во сегментот на лесни комерцијални возила, каде моментално држи 48,2 проценти удел на европскиот пазар.